САД произведуваат просечно 12,9 милиони барели нафта дневно и шеста година по ред водат на светската ранг листа на производители, соопшти Министерството за енергетика.
Во декември 2023 година, производството на сурова нафта во САД достигна нов месечен рекорд, надминувајќи 13,3 милиони барели дневно, според Управата за енергетски информации на Министерството (EИА).
„Во изминатите шест години, САД постојано произведуваа повеќе сурова нафта од која било друга земја, според нашата меѓународна енергетска статистика“, објави ЕИА во понеделникот.
Мали се шансите други земји да го соборат тој рекорд во блиска иднина, истакнува американската Администрација за податоци за енергетскиот сектор.
Во јануари, владата на Саудиска Арабија му нареди на енергетскиот гигант Арамко да го прекине планот за зголемување на производството на нафта и да се насочи кон максимален одржлив производствен капацитет од 12 милиони барели дневно, еден милион барели помалку од планираното во 2020 година.
Саудиска Арабија е водечки производител на Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), која заедно со своите сојузници одлучи да ја намали понудата за 2,2 милиони барели дневно до средината на годината со цел да ги поддржи цените во период на намалена побарувачка. под притисок на слабиот економски раст.