Џафери – Шљиванчанин: Интеграцијата на Северна Македонија и Црна Гора во ЕУ е значајна за регионот и Европа

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Талат Џафери, се сретна со Велимир Шљиванчанин, привремен вршител на работи во Амбасадата на Црна Гора во Скопје.

На состанокот се истакна големото и традиционално пријателство помеѓу граѓаните на двете земји и билатералните односи коишто се без отворени прашања, и се базираат на долгогодишна и конструктивна соработка која постојано оди во нагорна линија.

Во таа насока, соговорниците заеднички констатираа дека Северна Македонија и Црна Гора се пример како се градат и развиваат добрососедски односи.

Посебно беше потенцирана и важноста на сојузништвото во НАТО на двете држави, кое во актуелниот геополитички контекст е од особено значење за целиот регион и за Европа. Се разменија и искуства од придобивките на државите со зачленувањето на НАТО, како и околу реформските процеси кои се неопходни за евроинтеграцискиот процес.

Премиерот Џафери нагласи дека, Република Северна Македонија е успешна мултиетничка демократија, модел за Европа во мало. И, изрази очекување дека во скоро време и припадниците на црногорската заедница во Северна Македонија ќе бидат внесени во Уставот, со што државата ќе го отвори и првиот кластер во преговарачкиот процес со ЕУ.

На средбата разговараа и за можностите за унапредување на економската соработка и трговската размена, како и одржувањето на заедничка меѓу-владина седница на двете земји, веднаш по изборите во Република Северна Македонија.  

Шљиванчанин го честиташе изборот на Џафери за претседател на Владата и се заблагодари за посветеноста на Владата во продолжување на процесот на уставни измени, со кои и црногорската заедница би станала составен дел од Уставот. Притоа, истакна дека тоа е од важност не само за Црна Гора и за билатералните односи меѓу двете земји, туку и за деблокирањето на патот на Северна Македонија кон ЕУ. 

Треба да знаете
Последни објави