Министерката за одбрана, Славјанка Петровска во интервју за „Независен“ оценувајќи го можниот исход од изборите и разните идеи што произлегуваат од кандидатите, смета дека не постои политичка сила во земјава што може да ја изнесе Македонија од членството во Алијансата. Но, со оглед на тоа колку беше тивко ВМРО-ДПМНЕ изминатите две години околу Украина, таа очекува дека, ако евентуално дојде до смена на власта, идната влада предводена од оваа партија да ја запре поддршката за оваа нападната држава бидејќи, според неа, нема храброст за носење одлуки.
„Според однесувањето и на опозицијата во македонскиот блок гледам преголема желба по секоја цена да бидат власт, иако немаат капацитет да ги водат процесите“, порачува Петровска коментирајќи ги причините за оценката на ОДИХР – дека се можни тензии и немири на изборите. Таа смета дека граѓаните на изборите ќе го ценат повеќе јасниот и искрен став на СДСМ дека нема да отстапи од евроинтеграцијата, без оглед колку е можеби политички непогоден за нив, отколку изговорите на ВМРО-ДПМНЕ во смисла – чекајте, прво да дојдеме на власт, па ќе кажеме што ќе правиме.
Петровска меѓу другото зборува и за можноста да запре модернизацијата на АРМ со темпото со кое е почната сега ако дојде до смена на власта, за опасностите што ги носи тоа, за планот за формирање на индустриски зони наменети за производство на муниција и оружје и практично за обезбедување државна помош за развој на оваа индустрија, за барањата на Зеленски и можниот одговор на Македонија, колку нѐ чини професионалната војска и дали е рационално враќањето на редовното служење во војска…
На претседателските и на парламентарните избори во Македонија ќе се тркаат и кандидати кои настапуваат со јасни анти НАТО и проруски позиции, кои нудат други стратешки алтернативи. Како министерка за одбрана верувате ли дека е можно некој да ја изнесе државава од членството во НАТО и какви би биле последиците од тоа?
Можеби дел од политичките партии, условно кажано, заговараат нешто такво, иако главните – и позициски и опозициски, и од македонскиот и од албанскиот блок – барем официјално и во своите програми не го споделуваат тоа. Во РСМ има само една парламентарна политичка партија којашто официјално е против членството во Алијансата и најавува дека, ако има можност, би побарала прекин. Тоа го сметам само за нивна желба и реторика и убедена сум дека не постојат услови за такво нешто. Последните анкети покажуваат дека има зголемена поддршка меѓу граѓаните за членството на РСМ во НАТО – над 60 проценти од нив сметаат дека треба да останеме и да бидеме дел од Алијансата и покрај сѐ она што поминавме изминатите две години со војната во Украина и со сите хибридни закани што произлегоа и беа насочени кон РСМ поради нашето јасно позиционирање и поддршка на оваа земја. Така што, тоа ми дава за право да верувам дека граѓаните се свесни, можеби не во целост, туку во голема мерка, за придобивките од тоа да се биде земја членка на Алијансата. И, повеќе од сигурна сум дека не постои политичка сила во државава која може да издејствува напуштање на НАТО, потенцира Петровска.