Хакери упаднале во компјутерскиот систем на Природонаучниот музеј во Берлин и ги украле податоците на повеќе од 37.000 посетители кои купиле билети преку интернет и платиле преку системот за онлајн плаќање PayPal.
„Музејот со жалење објави дека сајбер напад погодил 37.243 клиенти на музејот. Хакери ги украле нивните чувствителни лични податоци. Им се извинуваме на жртвите од нападот“, соопштија од музејот.
Нападот наводно влијаел на некои од гостите кои купиле билети од 2021 година преку онлајн продавницата на музејот.
Во тој период низ музејот поминале повеќе од 1,86 милиони луѓе, а нападот погодил околу два отсто од посетителите и само оние кои го користеле системот за онлајн трансфер на пари PayPal.
Нападот се случи во октомври минатата година, а музејот веднаш поднесе тужба и веднаш ја информираше јавноста за тоа. Вистинскиот број на жртви дури сега е утврден. Музејот побарал помош од експерти за сајбер безбедност кои го анализирале нападот.
Во моментов на случајот работат „истакнати“ форензичари од областа на ИТ-технологиите, чија задача е да го исчистат системот и постепено да го обноват функционирањето, соопшти Природонаучниот музеј, додавајќи дека основните системи веќе работат.
Исто така, музејот сè уште може да се посети без ограничувања и можно е безбедно да се купат билети.
Во февруари оваа година, музејот објави дека бил цел на таргетиран хакерски напад и дека повеќето од неговите околу 450 вработени, главно од три научни области, можеле да го користат компјутерскиот систем само во ограничен обем и дека не можат дури и да бидат контактирани преку е-пошта.
Природонаучниот музеј во Берлин е најголемиот музеј од ваков вид во Германија и неговата колекција опфаќа околу 30 милиони предмети.