Вархеи очекува Советот на ЕУ да го прифати предлогот на ЕК за отпочнување преговори со БиХ

Европската комисија даде предлог Советот на ЕУ да донесе одлука за отпочнување на пристапните преговори со Босна Херцеговина и се надевам дека лидерите ќе донесат позитивно решение на Самитот следната недела, вели еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеи во интервју за Европската новинска мрежа (ЕНР).

– Сметаме дека условите се исполнети. Предлогот се заснова на барањето на Европскиот совет од декември минатата година дека Комисијата треба да оцени дали е постигнато потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство. Сметаме дека тоа е постигнато. Тие (БиХ) многу сериозно ја сфатија задачата да испорачаат во владеење на правото, област која е најважна за нашите земји членки. Развојот на настаните е многу охрабрувачки и се надевам дека ќе продолжат да работат. Тие продолжуваат да туркаат и се надевам дека следната недела Европскиот совет ќе одлучи да ги започне пристапните преговори како што го предложивме, изјави Вархеи.

На прашање дали одлуката за старт на преговарачкиот процес со БиХ би можела да упати контроверзен сигнал до Западниот Балкан, пред се до Северна Македонија и Албанија кои чекаат долго време и кои се на многу повисоко ниво на подготвеност за преговори од Сараево, Вархеји вели дека таквата констатација апсолутно не е точна. Според него, кога станува збор за Албанија, таа е подготвена за отворање на првиот преговарачки кластер и Европската комисија го предлага тоа, но останува на земјите членки да ја донесат конечната одлука.

Вархеи потенцира дека при носењето на одлуката да се предложи старт на преговорите со БиХ, Европската комисија не отстапила од поставените услови од страна на Советот.

– Овие критериуми и понатаму ќе бидат релевантни. Задачата што ја добивме од Европскиот совет беше многу јасен показател дека тој сака да го забрза процесот. Ние го оценивме напредокот во однос на суштинските критериуми, како владеењето на правото, функционирањето на демократските институции и борбата против перењето пари и корупцијата и организираниот криминал. Во овие области, Босна и Херцеговина, според нашата проценка, го достигна потребното ниво на усогласеност со критериумите за членство. И затоа предложивме да ги започнеме пристапните преговори, изјави Вархеи.

Според него, ваквиот предлог на ЕК наишол на позитивна реакција од страна на Комитетот на постојаните претставници на земјите членки (Корепер), па очекува одлуката да биде потврдена и од Европскиот совет.

– Се обидовме да ја завршиме нашата работа многу, многу внимателно. Значи, ние ги проверивме сите чекори што беа направени, не само од аспект на суштината, туку се разбира го тестиравме и расположението во земјите членки кои ќе одлучуваат. Се надеваме дека со сите предлози и објаснувања што ги дадовме, земјите членки треба да можат да го прифатат (предлогот). Но, се разбира, има уште политички процеси кои треба да се направат во главните градови и се надевам дека со солидната работа што ја ставивме на маса сите ќе бидат убедени да дадат поддршка, смета Вархеи.

На прашање доколку Советот на ЕУ даде зелено светло за старт на преговарачкиот процес, кога БиХ би можела да очекува датум за почеток на преговорите, Вархеји вели дека Европската комисија не работи со рокови, туку со испорачани резултати.

– Доколку овој предлог што го поднесовме биде усвоен од Европскиот совет, веднаш ќе почнеме да ја подготвуваме преговарачката рамка и потоа, кога и да биде подготвена ќе ја доставиме до Советот. Исто така, многу е јасно дека работата мора да продолжи во сите форми, во сите области. Многу јасно ставивме до знаење дека мислиме оти сепак претстои многу работа, изјави Вархеи.

Според него, во тој дел БиХ мора да продолжи и со реформите, како што се носењето на законот за судовите или измените на изборниот закон, кои би требало да бидат усвоени пред следните локални избори.

Во врска со предупредувањата на американското разузнавање дека претседателот на Република Српска, Милорад Додиќ претставува закана за стабилноста, Вархеи вели дека не мисли оти може да даде слична проценка.

– Она што го гледаме во земјата е дека се менуваат две или можеби три работи. Пред се, имаме функционална политичка структура. Тоа е повеќе од само владина коалиција. Тоа е политичка структура каде што претставниците на трите конститутивни народи, успеаја да формираат коалиции на сите нивоа во државата, потенцира Вархеи, потсетувајќи дека конечно по пет години е формирана Влада во Федерацијата Босна и Херцеговина и тој ентитет доби и свој буџет.

Во однос на Додиќ, Вахеи истакна дека на ЕУ во најголем дел не и се допаѓа неговата реторика и таа предизвикува загриженост, но тој и неговата партија победија на изборите.

– Не заборавајте на фактот дека претставниците на Република Српска се во институциите. Тие се дел од одлучувањето. Тие се и дел од испораката на сите реформи поради кои земјата сега може да оди напред. А тоа го вклучува и претседателот на Република Српска, додава Вархеи.

Според него, втора работа што се менува во БиХ е зголемувањето на јавната поддршка за членство на земјата во ЕУ, кое сега го поддржуваат 75 отсто од граѓаните, што е многу повисоко отколку пред неколку години.

– Ако ги погледнете и бројките поврзани со Република Српска, исто така стануваат повисоки. Има повеќе од јасно мнозинство. Ние мислиме дека европскиот пат е тој што може да создаде кохерентност во земјата, а европскиот пат е тоа што народот го поддржува. Многу е тешко да се води политика против тоа. Ова е она што ние го мислиме. Но, за тоа да остана на силно ниво, ќе значи дека и Европа, исто така, мора да испорача. Тоа значи дека Европа мора да го направи следниот чекор секогаш кога е тоа можно, заклучи Вархеи во интервјуто за ЕНР. 

Треба да знаете
Последни објави