Климатските активисти ги блокираа патиштата во Германија

Групата климатски активисти „Последната генерација“ повторно протестираше во саботата, блокирајќи ги патиштата на неколку места во Германија, но овојпат демонстрантите не се залепија на асфалтот.

Околу 130 луѓе напладне го блокираа берлинскиот мост Варшауер, соопшти полицијата. Неколку пати седнаа и станаа од асфалтот. Во Минхен и Регенсбург, полицијата изброи 120, односно 150 демонстранти на регистрирани и нерегистрирани собири. Во Минхен немаше поголеми проблеми во сообраќајот. Недалеку од терминалот за ЛНГ на балтичкиот остров Риген, 30 активисти го прекинаа сообраќајот на пристапниот пат до пристаништето за траект Сасниц.

Полицијата првично го дозволи протестот, но по неколку часа го прекина. Портпаролот на демонстрантите рече дека имаат намера да останат подолго, можеби до недела, истакнувајќи дека го сметаат терминалот „врв на лудилото на фосилните горива“. Протести имаше и на југозападот на земјата, во Фрајбург и Карлсруе и на аеродромот во Штутгарт. Протестите беа мирни.

Во Бремен, на северозападот на земјата, околу 100 климатски активисти ја окупираа раскрсницата во центарот на градот. Нови блокади се планирани и во Келн на запад и во Лајпциг на исток од земјата. „Последната генерација“ повикува на радикална акција против климатските промени, вклучително и целосно напуштање на фосилните горива. Од почетокот на 2022 година организираат блокади. Демонстрантите често се лепеа за асфалтот, но неодамна порачаа дека повеќе нема да го прават тоа.

Треба да знаете
Последни објави