Почнаа тридневните карневалски свечености во Прилеп

Со низа манифестации и во весела атмосфера, Прилеп ги почна карневалските свечености за „Прочка 2024“ кои утре напладне ќе кулминираат со централното дефиле на маските кое ќе го предводат „Прилепските мечкари“, а се очекуваат околу 500 учесници.

Тридневните свечености почнаа со традиционалната изложба на маските, отворена во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Повеќе од 400 креации на учениците од основните и од средните училишта го најавува успешното пренесување на традициите за маскирање и на зачувување на културното богатство. Токму во таа насока се и денешните карневалски и свечености по повод Велики поклади-Прочка. 

Во центарот на Прилеп, на платото кај Градскиот саат здружението на жени „Преродба“ денеска ќе го претстави обичајот за „Велики поклади- Прочка“- „Амкање“. Обичајот ќе биде изведен во автентичен амбиент, привлечен за минувачите, кои во тој период ги има многу, како прилепчани, така и гости, а настанот ќе биде збогатен со настап на младите уметници Марко и Антонио, дел од етно составот „Пиреј“. Во текот на денот во Старата прилепска чаршија ќе продефилираат мечкарите кои ќе ги канат касапите и занаетчиите на карневалот и на посниот ручек – грав, в понеделник.

Утре напладне, на Прочка, во центарот на Прилеп е главното карневалско дефиле на маските кое ќе го предводи автентичната, од министерството за култура порогласена за нематеријално културно наследство, маската – Прилепски мечкари.

На Карневалот се очекуваат околу 500 учесници со поединечни и групни маски, а стручно жири ќе ги прогласи најдобрите. Поканети се учесници и од речиси сите краишта на Македонија.

Поради Карневалот, угостителските објекти во викендот ќе имаат продолжено работно време. Поканети се сите фотографи да учествуваат зашто ќе бидат наградени и најдобрите фотографии направени на годинашниов карневал „Прочка 2024“. 

Треба да знаете
Последни објави