Вечерва во Струмица, во дел од централното градско подрачје и на плоштадот „Гоце Делчев”, се одржа големиот Струмички карневал, како главен настан од овогодишните карневалски свечености во градот.
Во интернационалната карневалска поворка учествуваа околу 1500 маскирани луѓе во 49 маски од Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Турција, Грција, Бугарија и Македонија.
Покрај илјадниците граѓани кои го следеа карневалот, на истиот присуствуваа и гости од македонската Влада и Собранието, претставници од дипломатскиот кор, претставници од Федерацијата на европските карневалски градови (FECC) од повеќе европски земји, како и гости од други македонски Општини.
Пред официјалниот почеток на карневалот, свое обраќање пред присутните имаа: претседателот на Бордот на директори на FECC Ларс Алгел и градоначалникот Костадин Костадинов, а во чест на јубилејот – 30 години од членството на Струмица и Струмичкиот карневал во FECC, господонот Алгел му врачи на струмичкиот градоначалник медал од федерацијата.