Отворените денови се начин да им покажеме на граѓаните како инвестираме во нивната безбедност, порача Петровска во Тетово

Министерката за одбрана Славјанка Петровска заедно со началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски денеска во Тетово присуствуваа на приказот на воена опрема и вештини на припадниците на Армијата, во рамки на Отворените армиски денови кои се организираат во повеќе градови низ државата по повод четиригодишнината од членството во НАТО и 75-годишнината од основањето на Алијансата.

Членството во НАТО, рече министерката, е исклучително важна, стратешка цел која ја достигнавме и горди сме на тоа, а преку овие отворени денови на Армијата граѓаните кои имаат и најголема доверба токму во Армијата можат одблизу да се запознаат со нејзината опрема и армиските припадници.

„Преку ваквиот тип на активности сакаме Армијата да ја приближиме до граѓаните кај кои ужива голема доверба и тоа ме радува. Сакаме да им покажеме на граѓаните што е она во што инвестираме и како ние ја гарантираме нивната безбедност и стабилност”, рече министерката.

Петровска изрази задоволство од големата посетеност и интересот кај тетовчани за овој отворен ден. Во Тетово можеше да се види различен тип на воена опрема, приказ на вештините и опремата на специјалните сили, како и настап на воениот оркестар.

Треба да знаете
Последни објави