Синоќа Демократската партија на Србите во Македонија ДПСМ го прослави својот 32 роденден, објави на својот Фесбук профил лидерот на оваа партија Иван Стоилковиќ.
Меѓу пристуните, на прослвата бил и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, како и кандидатката на оваа партија за претседател Гордана Силјановска Давкова, кои од она што може да се забележи на објавените фотографии, учествувале и во симболично пресекување на славеничката торта.
Кој е Иван Стоилковиќ?
Стоилковиќ со децении е претседател на ДПСМ, партијата која исто така со децении е традиционален коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, а самиот Стоилковиќ имал добри релации како претходно со Никола Груевски, така и сега со Христијан Мицкоски.
Стоилковиќ е еден од најжестоките поддржувачи на Москва и на Владимир Путин.
Лани во ек на воената инвазија на Русија врз Украина, Стоилковиќ како единствен претставник од Македонија учестуваше на Безбедносен форум организиран од Кремљ каде свое видео обраќање имал и самиот Путин.
![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2024/03/stoilkovik-kaj-putin.jpg)
Претходно, Стоилковиќ учествувал на овој форум и во 2019 година, во период кога државата и официјално ги затвораше последните поглавја од пристапувањето кон НАТО.
Во сега веќе далечната 2016 година, година на политички кризи и масовни протести, Стоилковиќ учествуваше на Конгрес на партијата на Путин, Единствена Русија каде потпиша Декларација дека неговата партија ќе работи на тоа Македонија да биде воено неутрална држава.
![](https://24info.mk/wp-content/uploads/2024/03/stoiljkovic-moskva.png)
Стоилковиќ стана препознатлив и како жесток противник на интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО, политичар кој во јавноста застапува проруски ставови.
Но досега неговиот „поголем брат“ од ВМРО-ДПМНЕ ниту еднаш јавно нема реагирано или осудено некаков антиевропски потег и говор на Стоилковиќ.
Напротив, од фотографиите објавени од синоќешниот настан, јасно се гледа дека ДПСМ и ВМРО-ДПМНЕ како и Стоилковиќ, Мицкоски и Гордана Силјановска Давкова, имаат одлична соработка.