Утрово, околу 10:30 часот по локално време, во Киев одекнаа неколку жестоки експлозии. Неколку домашни и странски новинари, меѓу кои и Ројтерс, известуваа за експлозиите во главниот град на Украина.
На социјалните мрежи се појави видео на кое се гледаат сирени и експлозии додека децата од училиште трчаат кон засолништето.
Експлозиите се случиле во моментот кога се слушнале сирени кои предупредуваат за опасност од воздух, а по нив чад бил забележан на источниот брег на реката Днепар во Киев.
Недолго потоа, воената управа на Киев објави дека остатоци од руска ракета паднале врз областа Печерск во градот, оштетувајќи ја трикатна станбена зграда.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко потоа објави дека три лица се повредени во денешниот руски ракетен напад врз Киев. Меѓу нив има две жени, на кои им била укажана прва помош на лице место, како и 16-годишно девојче, кое било хоспитализирано.