Министерот за економија Крешник Бектеши денеска заедно со министерот за индустрија и трговија на Република Чешка, Јозеф Сикела и менаџментот на РЕК Битола извршија официјално примопредавање на опрема за хомогенизација на јаглен во топланата РЕК Битола. Опремата е набавена од чешкиот производител Енелекс, а со оваа опрема ќе се оптимизира работењето на РЕК Битола и во делот на ископаниот јаглен и во делот на производстовото на електрична енергија. Министерот Бектеши кажа дека ова е значајна инвестиција во РЕК Битола. „Овој нов систем ќе придонесе за максимално искористување на ресурсите што ги имаме на располагање во процесот на производство на електрична енергија“ кажа министерот Бектеши на примопредавањето на опремата во округот на РЕК Битола. Директорот на РЕК Битола Пеце Матевски објасни дека новиот систем се состои од 14 автоматски единици поставени и на багери за ископ и на транспортни траки за транспорт. „Овие едниници во реално време земаат примероци од јаглените што се ископуваат и транспортираат од рудниците ПСЈ Суводол и Брод Гнеотино. Во исто време како што се земаат примероците се анализира квалитетот на јагленот и податоците се праќаат во софтвер кој го следат стручни лица и одлучуваат колку количини од кој јаглен ќе се измешаат за да се постигне највисока калорична вредност на јагленот, а со тоа и ќе се произведе максимално количество на електрична енергија“ кажа директорот на РЕК Битола, Матевски. Во рамки на настанот, министерот Бектеши и министерот Скиела остварија билатерална средба на која разговараа за можностите за соработка помеѓу Северна Македонија и Чешка. Двајцата министери се согласија дека двете земји имаат одлични билатерални односи што е основа за продолжување и интензивирање на соработката на сите полиња, пред се во делот на трговијата, енергетиката како и инвестициите. Чешка е еден од позначајните трговски партнери на Северна Македонија и постојано е помеѓу првите 15 земји со кои остваруваме најголема трговска соработка. Двајцата министери се согласија да продолжи плодната комуникација комуникацијата помеѓу двете земји во насока на подобрување на економските релации и изнаоѓање на најсоодветни решенија за економски развој на двете земји.