По Франција, која ги засили безбедносните мерки, италијанското Министерство за внатрешни работи исто така одлучи да го засили антитерористичкиот надзор, по нападот во Москва во кој терористите убија најмалку 137 лица, за кој одговорноста ја презеде Исламската држава.
За време на состанокот во МВР, Националниот комитет за јавен ред и безбедност заклучи дека „важно е да се продолжат опсежните надзорни активности на полицијата и разузнавачките сили, вклучително и на Интернет, со цел да се идентификуваат можните ризични ситуации на националната територија“ и тој надзор особено треба да се зајакне во за време на велигденските празници и на локации каде што се собираат голем број луѓе, пишува италијанската агенција Анса.
Закана се „волци самотници“, а не терористички групи
Државниот секретар на италијанската влада, Алфредо Мантовано, вчера изјави дека главната терористичка закана за Италија се „волците самотници“, а не организираните групи како онаа што во петокот нападна концертна сала во Москва.
„Заканата не е толку од организирани групи. Верувам дека група како онаа што делуваше во нападот на Москва, која мораше да биде обучена и да има логистичка поддршка, ќе беше пресретната порано во Италија“, изјави Мантовано за телевизија РАИ.
По состанокот на високи претставници за безбедност и одбрана со претседателот Емануел Макрон, францускиот премиер Габриел Атал објави дека владата ја подигнала тревогата за тероризам на највисоко ниво.
Атал во објава на Х рече дека одлуката, која доаѓа неколку месеци пред Париз да биде домаќин на Олимпијадата, е донесена „во светло на преземањето на одговорноста на Исламската држава за нападот во Москва и заканите што ја притискаат нашата земја“.
Француската тревога за тероризам има три нивоа, при што највисокото ниво се активира пред напад во Франција или во странство кога заканата од напад е неизбежна.
Ова овозможува воведување на вонредни безбедносни мерки како што се зголемени патроли на вооружените сили на јавни места како што се железнички станици, аеродроми и верски објекти.