Советот на ЕУ денеска, во последна инстанца, ги усвои измените на Регулативата за транспорт на отпад, чија цел да ги намали испораките на „проблематичен отпад“ надвор од територијата на ЕУ, да ги усогласи процедурите за превоз со целите на циркуларната економија и климатската неутралност, да овозможи електронска размена на информации и да го спречи со илегалниот транспорт на отпад.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, со измените, исто така, се предвидуваат мерки за да се добијат гаранции дека отпадот се транспортира само до депонии каде што тој ќе се третира соодветно на еколошки здрав начин.
Според новите правила, отпадот не може да се транспортира во земји кои не се членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), освен ако соодветната држава покаже подготвеност да го увезе отпад и докаже дека ќе го третира на еколошки начин, што би било потврдено од независни тела и со мониторинг спроведен од Европската комисија. Од можноста за транспорт во земји што не се членки на ОЕЦД е исклучен опасниот и неопасниот пластичен отпад.
При транспортот на отпад во земји што не се членки на ЕУ, потребна е писмена потврда за испраќањето, крајната дестинација и начинот на превоз, со утврдени конкретни временски термини и рокови, со цел да обезбеди ефикасност на целиот процес.
Со изменетата Регулатива за транспорт на отпад во законодавството на ЕУ се вклучуваат одредбите од Базелската конвенција за контрола на прекуграничното движење на опасен отпад и негово отстранување.
Европската комисија го достави предлог за измени на Регулативата на 17 ноември 2021 година.
По повеќе од една година усогласувања, Европскиот парламент го утврди својот став по предлогот лани во јануари, а Советот на ЕУ во март истата година.
Договорот по измените беше постигнат меѓу ЕП и Европскиот совет на 17 ноември 2023 година, кој потоа беше потврден од Комитетот на постојани претставници на земјите членки (Корепер) на 6-ти следниот месец и од парламентарната Комисија за животна средина, јавно здравје и безбедност на храната на 11 јануари годинава.
Европскиот парламент ги усвои измените на пленарната сесија на 27 февруари 2024 година, а со денешното одобрување и од Советот, завршува процедурата за усвојување на предлогот.
Регулативата ќе стапи во сила на 20-от ден по објавувањето во Службениот весник на ЕУ.