Информативен ден на НАТО програмата „Наука за мир и безбедност“, ќе биде одржан денеска во Клубот на пратниците на кој ќе учествуваат министерката за одбрана Славјанка Петровска, експерти од оваа програма на Алијансата предводени од шефот на Одделот за управување и координација, Клаудио Палестини, претставници на академската заедница во Северна Македонија и невладиниот сектор.
Информативниот ден ќе го отворат Петровска и Палестини, по што во три работни сесии НАТО експертите ќе ја презентираат програмата „Наука за мир и безбедност“, како и начините како да се интензивира соработката помеѓу академската заедница во Северна Македонија и оваа НАТО – програма, соопшти МО.
Информативниот ден се организира во рамките на активностите за одбележување на четиригодишнината од членството на Северна Македонија во Алијансата, кои започнаа на 5 март со организацијата на НАТО Индустрискиот ден.
Програмата на НАТО за наука за мир и безбедност ја поврзува научната заедница во Алијансата преку соработка на полето на науката со цел справување со новите безбедносни предизвици. Оваа програма нуди финансирање, стручни совети и поддршка на научни проекти релевантни за цивилната безбедност кои одговараат на стратешките цели на НАТО и земјите членки.