Исчезнатата девојка во скопската населба Илинден, Енкеледа Чела (21 г.) која е државјанка на Албанија, е студентка на Економскиот факултет во Скопје. Родителите на девојката, која е Македонка од селото Требиште во областа Голо Брдо веќе се пристигнати во Скопје. -Енкеледа е стипендист на македонската влада и е на втора година од студиите. И средното економско училиште го заврши во Охрид, со одличен успех, како што успешно ги полага и испитите на факултет. Се надеваме дека ќе биде пронајдена здрава и жива, велат блиски роднини на девојката во изјава за МИА и потврдуваат дека родителите веќе се во Скопје. Тие додаваат дека загриженоста е голема кај сите жители во селото и областа, кај најблиските роднини и нејзиот брат и трите сестри, но се надеваат дека се ќе има среќен крај. Сликата од девојка на која е опишан нејзиниот изглед од утрово се шири на социјалните мрежи. Според описот на фотографијата станува збор за девојка со црвено-кафена боја на коса, висока 160 сантиметри, тешка 55 килограми, која на горните заби носи протеза. Девојката била облечена во фармерки и црна јакна, а носела и ранец. Фотографијата на Фејсбук ја објави Јоана Манојловска која вели дека е другарка на исчезнатата девојка. На фотографијата, исто така е нагласено дека девојката последен пат била видена вчера наутро на бензинската пумпа во населбата Илинден.
![](https://arhiva.24info.mk/wp-content/uploads/2024/03/isceznata-devojka-Enkeleda-Cela1.jpg)