Во престрелката што денеска се случи во основно училиште во финскиот град Ванта кај Хелсинки, во која еден ученик загина, а двајца се ранети, меѓу повредените е и девојче со албанско потекло од Косово. Веста ја соопшти Министерство за надворешни работи на Косово. Како што наведуваат во соопштението на Фејсбук, Министерството преку амбасадата на Косово во Стокхолм од членови на семејството успеало да потврди дека меѓу ранетите има и девојче од Косово. – Амбасадата на Косово во Стокхолм е во постојан контакт со локалните власти и семејството на повреденото девојче и понуди помош, согласно упатствата добиени од Министерството за надворешни работи. Министерството ќе ја информира јавноста веднаш штом ќе добие нови информации поврзани со овој трагичен настан – се наведува во соопштението.