Деца во Франција крвнички претепале ученичка пред училиште: „Се облекувала несоодветно за исламот“

Француските власти покренаа итна истрага откако тројца тинејџери претепаа 14-годишно девојче пред нејзиното училиште, оставајќи го во кома. Полицијата приведе тројца малолетници за убиство во обид, меѓу кои и девојче од истото училиште со жртвата.

Обвинителите подоцна објавија дека 14-годишната Самара се разбудила од кома, но дека била тешко повредена во нападот, кој се случил пред колеџот Артур Рембо во областа Ла Мосон-Ла Паил во вторникот попладне.

Оттаму додаваат дека едно од обвинетите, 14-годишно девојче од истото училиште, признало дека ја претепало жртвата. Другите двајца уапсени малолетници се на возраст од 14 и 15 години. Мајката на жртвата Хасиба рекла дека ученичка од училиштето две и пол години ја малтретирала нејзината ќерка затоа што се облекувала и се однесувала, според неа, премногу слободно за исламот.

„Всушност, не разбирам зошто тоа девојче постојано ја напаѓа Самара, но има причина. Мислам дека тоа е затоа што Самара е малку послободна од некои ученици“, рекла мајката, а пренесува „Гардијан“.

Хасиба смета дека оваа ученичка е главниот виновник за нападот. Таа додаде дека минатата година објавила фотографија од нејзината ќерка на социјалните мрежи и повикала да биде силувана, поради што била суспендирана од училиште на два дена во јуни 2023 година.

Францускиот претседател Емануел Макрон изрази солидарност со нападнатата девојка, но повика на претпазливост при донесувањето заклучоци за околностите на нападот. „Во оваа фаза од истрагата би бил внимателен. Сакам на мир да се утврди целосната вистина и тогаш да се извлечат заклучоци“, рече тој.

Треба да знаете
Последни објави