Полицијата презема мерки за расчистување на случајот и утврдување на причините за пожарот што избувна вчера под Скопското кале, во кој беа опожарени пет патнички возила и нема повредени лица. Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека е извршен увид по пожарот кој настанал на ул. „Лазар Личеновски”, на дивиот паркинг кај поранешниот полигон за полагање возачки испити, при што горела сува трева. Пожарот во СВР Скопје бил пријавен вчера во 13.25 часот, а бил изгаснат од екипа на Бригадата за противпожарна единица Скопје. -Од пожарот целосно биле опожарени пет патнички возила со скопски регистарски ознаки: „сеат леон“ – сопственост на Б.А.(32) од Скопје, „мерцедес“ – сопственост на М.Г.(41) од Скопје, „сеат леон“ – сопственост на М.Т.(19) од населба Илинден, Скопје, „тојота“ – сопственост на А.Т.(28) од Скопје и „рено“ – сопственост на Б.Б.(42) од Скопје. Од пожарот делумно било опожарено и патничко возило „хјундаи“ со скопски регистарски ознаки, сопственост на А.А.(39) од Скопје, соопшти МВР.