Најнапред, сакам да го честитам Денот на здравјето, денот на здравствените работници, за што подоцна Д-р. Добрила Андоновска ќе се обрати. Јас би сакал да кажам што како претседател на Република Македонија ќе инсистирам во делот на надворешната политика. Таа оди во три главни правци, прво, јакнење на нашите позиции во НАТО-структурите и заложба за малку поголем респект и малку повеќе почит и кон државата и кон граѓаните на Република Македонија, како од НАТО, така и од нашиот стратешки партнер Соединетите Американски Држави и од Европската унија, изјави кандидатот за претседател Стевчо Јакимовски.
Исто така, продолжуваме на патот кон Европската Унија, сѐ што треба реформи да правиме, ќе правиме, но со јасно ставање до знаење на Европската Унија и на сите членки дека Република Македонија е подготвена да чека на прием до 2030 година. Ако до тогаш не бидеме примени, ние не сме подготвени повеќе да седиме пред вратите на Европската Унија, таму застануваме, а не се откажуваме од европскиот пат но тогаш ќе бараме сопствен пат за развој на Република Македонија, а пред сѐ за носење на инвестиции и за отворање на работни места, затоа што ваквата нивна политика со сѐ нови и нови барања, со долгогодишни притисоци врз јавноста, врз нас Македонците, практично ни ги исели нашите деца и ние останавме во празна држава. Следната работа е нашата надворешна политика, пред сѐ јакнење на економската дипломатија и особено јакнење на економската дипломатија во земјите каде што имаме силни трговски врски, но во исто време ќе инсистирам да Република Македонија подготви проекти за најмалку 50 милијарди евра со коишто ќе се побараат директни странски инвестиции во нашата држава. На таков начин ќе се подигне економијата, ќе се отворат нови работни места, ќе се зголеми бруто-општествениот производ, но во исто време и да се подготви државата за обновата во Украина – рече Јакимовски.