Во Тетово, партијата Левица одржа народен собир на која беше претставена изборната програма „Го враќаме достоинството на нацијата“ на нивниот претседателски кандидат Билјана Ванковска.
Таа рече дека противкандидатите бегаат од директни соочувања што не доликува на една демократија.
„Ни ја зедоа државата. Нема веќе демос, има само етнос. И кога еден од противкандидатите зборува за гордост јас се прашувам кога тоа ние во скоро време сме биле горди. Јас зборувам за достоинство. Достоинството е да достоиш на својот принцип, а потоа можеш да бидеш горд. Бегаат од мегдан. Јас им фрлам ракавици. Од пазарчиња од улици од социјални мрежи. Тоа што го кажа Апасиев ‘Ќе ги растуриме на дебати’ ги уплаши. Така што сега бегаат од мене и од соочувања.
Понатаму додаде дека сите кандидати меѓусебно ќе си се сложат. На крај ќе излезе дека сите се за Бугарите во Устав. Само јас сум против“, рече Ванковска.
Партискиот лидер Димитар Апасиев порача дека во иднина нема да има влада без учество на Левица. Тој рече дека Левица ја создаде Македонската платформа во пет точки која ја има понудено до сите македонски партии.
„Петте точки се: Не преговараме за унитарноста, за територијалниот интегритет и суверенитет, за државните инсигнии, за секуларноста и не преговараме за идентитетот. Не може историски комисии да ни ги пишуваат нашите учебници и наратив. Левица ја нуди Македонската платформа како пандан на нивата Тиранска платформа. Нудиме изборна реформа со една изборна единица без цензус, да видиме како пратеник во ИЕ6 се станува со 6 илјади гласови, а пратеник во Тројка со 10 илјади гласови“, истакна Апасиев.