Раководството на МЗТ Скопје Аеродром донесе одлука влезот за првиот четвртфинален натпревар од АБА 2 лигата протв Широки кој се игра во среда (10. април) од 20 часот да биде бесплатен.
Сето тоа во насока на што поголема поддршка за тимот кој се бори за влез во финалето во второто по квалитет регионално натпреварување.
„Меѓу двете домашни пресметки со Гостивар во првата рунда од македонскиот плејоф ни доаѓа дуелот против Широки, закажан за в среда (10 април) со почеток од 20 часот со кој ќе го почнеме доигрувањето во АБА2-лигата. Станува збор за четвртфинално надмудрување во две средби, кое се игра на кош-количник, поради што е исклучително важно задутре да бидеме најдобри што можеме и не само да го победиме незгодниот противник, туку тоа да го направиме со што е можно поголема разлика. Атмосферата во тимот на одлична, мотивацијата е до небо, а освен повредениот Бојан Крстевски сите останати се подготвени да го остават максимумот и да покажат дека заслужено го носат светиот плаво-бел дрес. Ниту еден наш успех не бил можен без ВАШАТА помош од трибините. Вашето навивање, аплаузите и скандирањата кај нашите момци делуваат како десетина енергетски пијалоци испиени одеднаш. Заедно секогаш сме посилни и само заедно можеме да дојдеме до посакуваната цел. Затоа, Ве покануваме задутре во што поголем број да дојдете во „Јане Сандански“, трибините да бидат исполнети до крај со нашите навивачи, симпатизери, но и сите останати спортски вљубеници. МЗТ Скопје игра за Аеродром, ама и за Македонија и заслужува поддршка од сите. ВЛЕЗОТ Е БЕСПЛАТЕН!“ – се вели во соопштението од КК МЗТ Скопје Аеродром.