Спасовски: Ромите секогаш биле дел од нашиот концепт „Едно општество за сите“, ги уживаат сите права, го негуваат својот јазик, ја развиваат својата култура

Носителот на листата на кандидати за пратеници во Изборна единица 2, од редовите на СДСМ и Коалицијата за европска иднина, Оливер Спасовски, заедно со претседателот на ОО СДСМ Шуто Оризари, Ферат Асан, се обрати на настан во Шуто Оризари, по повод одбележување на Меѓународниот ден на Ромите.

„Во мое лично име и во име на СДСМ, на сите припадници на ромската етничка заедница, им го честитам Меѓународниот ден на Ромите, 8 април. Нашата држава е градена и продолжува да функционира на темелите на еднаквоста, заедништвото и меѓусебното почитување. Ромите отсекогаш биле составен дел од тој концепт и тоа така ќе продолжи”, рече Спасовски во своето обраќање. Притоа, тој ја изрази целосната институционална поддршка за ромската заедница.

„Преку вистинските, исправните политики што ги преземаме денес во Република Северна Македонија, Ромите се целосно рамноправни со сите наши граѓани, ги уживаат сите права, го негуваат својот јазик, ја развиваат својата култура и традиција и активно учествуваат во креирањето успешни политики, преку нивните претставници во централната, извршната, но и локалната власт. Пред нас се исправени уште предизвици, но како одговорна партија, СДСМ останува доследна на концептот Едно општество за сите. Само со заедничка работа можеме да ги зачуваме и надградуваме различностите кои се богатство на нашата заедничка држава, со која се гордееме”, истакна Спасовски, осврнувајќи се на етаблирањето на Меѓународниот ден на Ромите, прогласен на Светскиот ромски конгрес од 1990 година, а во чест на Првиот светски ромски конгрес од 1971 година, кога се потврдиле универзалните обележја на ромскиот народ и ромското движење, воопшто, преку утврдување на знамето, химната, јазикот и културата. 

„Продолжуваме заедно како и досега, свесни за предизвиците и потребите на Ромите во нашата држава, да ја унапредуваме интеграцијата, обезбедувајќи подобар и поквалитетен живот за сите, без разлика на етничката, верската, политичката или родовата припадност. Ја имате мојата поддршка во секој еден момент, бидејќи силна држава значи подадена рака на секого!”, рече Спасовски на крајот од своето обраќање.

Треба да знаете
Последни објави