Министерот за внатрешни работи на Франција, Жералд Дарманен, денеска побара „значително“ зајакнување на безбедноста во пресрет на натпреварот помеѓу ПСЖ и ФК Барселона, кој ќе се одигра во среда на Паркот на принцовите во Париз.
„Началникот на полицијата, со кого разговарав многу рано утринава, значително ги зајакна безбедносните ресурси“, рече министерот за внатрешни работи, истакнувајќи дека Исламската држава неодамна јавно објави „јасна закана“, пренесува Франс 24.
Генералниот директорат за внатрешна безбедност (ДГСИ) „работи особено напорно за да обезбеди превентивни информации“, им рече тој на новинарите во Париз за време на посетата на речната бригада на полицискиот штаб, кој ќе биде конкретно ангажиран во обезбедување на свеченото отворање на Олимписките игри во Париз.
„Исламската држава е одговорна за последните осум напади што ги доживеа Франција“, подвлече Дарманен и повика „да не тонеме во она што се обидува да го направи терористичката пропаганда, односно да сее страв и терор насекаде“.
Француските медиуми објавија дека ИД се заканила дека ќе изврши терористички напади на местата на фудбалските натпревари во Лигата на шампионите закажани за вторник и среда.
Четвртфиналето од Лигата на шампионите помеѓу ПСЖ и Барселона ќе се одигра на „Паркот на принцовите“ на 10 април.
Во март, францускиот премиер Габриел Атал објави дека нивото на терористичка закана во земјата е подигнато на максимално ниво, а претседателот Емануел Макрон ја нарече одлуката разумна.