Во рамките на кампањата за Претседател на Република Македонија на кандидатката Проф. Д-р. Гордана Силјановска- Давкова се одржа митинг во Куманово. Во својот говор Професорката Силјановска Давкова порача: Најдобрите врз основа на компетентност ќе ги промовирам на најодговорни позиции!
Ќе составам мал претседателски кабинет но со најкомпетентни лица. Треба да се продолжи со регрутирање на дипломатите од редот на оние кои се дипломати од кариера. Но се разбира, доколку и тие не ја претставуваат Македонија како што заслужува, тогаш треба да се вратат дома. Во комисијата за надворешни работи, наместо како досега воопшто да не се појавуваат, треба кандидатите за дипломати за да образложат што ќе прават во другите држави. Тоа мора да стане редовна практика. Во мултилтералата нема мали и големи, таму треба да седат највидните дипломати! Во Судскиот совет ќе предложам врвни правници кои се почитувани во својата фела. Не партиски активисти. Правници на кои им веруваат на граѓаниите! Така, низ рентген ќе ги разрешуваат најлошите и ќе ги избираат најдобрите. Ќе ценат не само квантитет на пресуди, туку и квалитет на пресудите. Ова важи и за Уставниот суд. Уставните судови во светот се едни од најпочитуваните институции. За жал, кај нас не е така! Се луѓе кои се блиски до партијата и политиката доаѓаат до еден статус што не го заслужуваат. Па тој што ги поставил е нивниот устав, а не Уставот и законите. Тука претседателот мора да води бескомпромисна битка! Во Советот за безбедност, каде што претседателот предлага 3 членови, интензивно треба да се работи, не само на следење на безбедносните дилеми, туку и на превентивно делување и студиозно скицирање на одбранбените механизми. Ние сме дел од НАТО. Мислам дека сме кредибилен партнер и оваа кредибилност треба да ја зајканеме! Одговорно тврдам дека ќе ги стимулирам, ќе ги поттикнувам најдобрите! Околу претседателот мора да има еден совет за соработка со младите. Не е доволно да речете дека на младите им припаѓа иднината. Не! На младите треба да им припаѓа сегашноста! Се радувам кога гледам меѓу младите кандидат пратеници. На младите им порачувам дека: Сами треба да си ја земете судбината во вашите раце. Можете да бидете успешни и надвор, ама не како дома. Резулатите ќе ве направат горди, ќе не направат нас горди и ќе направат Македонија горда! Вие ќе учите како да управувате со својата држава! Ќе формирам Совет за соработка со дијаспората. Дијаспората е нераскинлив дел од нашето ткиво! Во дијаспората има врвни научници, врвни бизнисмени, врвни писатели, културни работници. Мораме кон дијаспортата да се однесуваме поинаку! Имам намера, бидејќи верувам дека македонскиот јазик е нашата татковина, да формираме семинари преку лето во кои ќе доаѓаат децата на нашите исселеници. Контактите со татковината се најважни! Така и тие децата ќе знаат дека и нивните татковци и тие имаат една татковина! Ако е тоа јазикот, тогаш полесно ќе се разбираме!