Владата на денешната 14, седница на предлог на Министерството за одбрана, донесе три одлуки. Владата ја разгледа и усвои Информацијата за влегување и престој на странски вооружени сили на територијата на Република Северна Македонија, заради реализација на вежбата „Swift Response 24″ и донесе ваква Одлука. Вежбата, според информацијата од ресорното министерство, е во целосна организација на Вооружените сили на САД за Европа, а ќе се реализира од 24 април до 29 мај 2024 година на Армискиот полигон Криволак. На вежбата е предвидено учество на припадници од Вооружените сили на САД за Европа, со опрема, вооружување, воени и цивилни моторни возила, воздухоплови, беспилотни летала и други материјално – технички средства и изведба на падобрански скокови, одделенски и водни боеви гаѓања. Се донесе одлука и за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „EFES 24″, во Република Турција, во организација на Вооружените сили на Република Турција, а којашто се очекува да допринесе да се надградат стекнатите знаења и да се добијат дополнителни знаења и искуства во доменот на планирање НАТО операции во мултинационална средина. Донесена е и одлука за испраќање припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Vigorous Warrior 24″ во Република Унгарија. Вежбата, според образложеното, е во организација на NATO Medical Centre of Excelence и на неа, покрај припадници од НАТО членките, е предвидено учество и на претставници од партнерски земји на НАТО Алијансата. Вежбата, како што е посочено, ќе овозможи подобрување на интероперабилноста на припадниците на Армијата на Република Северна Македонија во давање медицинска поддршка при извршување заеднички мултинационални операции.