Уставниот суд на денешната седница ја укина Одлуката за суспензија од примена на Детален урбанистички план за дел од Урбан блок 48 (дел 2) и за дел од У.Е. „Б.С. Гојчо”, дел од Урбан блок 44, плански опфат помеѓу бул. „Трета МУБ”, ул. „Перо Чичо”, ул.„Прва петолетка” и ул.„Миле Кипра”- Општина Куманово, (2018-2023) со површина од 3.24ха, со технички број 18/18 од јули 2021, изработен од ДУПИ Планерис ДООЕЛ увоз-извоз Куманово, донесен со Одлуката бр. 09-9525/41 од 28.12.2021 година, број 09-4569/3 од 6 јуни 2023 година („Службен гласник на Општина Куманово” број 9 од 07.06.2023 година), донесена на 6 јуни 2023 година од страна на Советот на општина Куманово.
Уставниот суд оцени дека има отстапки во постапката за донесување на оспорената Одлука, кои претставуваат повреда на начелото на владеењето на правото, предвидено со членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.
Судот оцени дека одлуката за суспензија на Деталнот урбанистички план е донесена во спротивност со членот 23 став 6 од Законот за урбанистичко планирање.
Согласно Законот, по претходно добиено мислење од министерот за транспорт и врски, барателот на мислењето, односно Општина Куманово изработува стручен елаборат.
Во конкретниот случај добиеното мислење не е во насока за донесување на оспорената одлука за суспензија, бидејќи Општината не успеала преку стручниот елаборат за суспензија да докаже постоење на штета по јавниот интерес.
Конкретно, во мислењето од надлежниот министер за транспорт и врски се наведува дека стручниот елаборат на општината не содржи конкретни податоци со кои се докажува несомнена штета по јавниот интерес, која е воочена во текот на спроведување на планот.
Урбанистичкиот план кој е суспендиран со оспорената одлука на Општината, е донесен на 28 декември 2021 година.
Подносители на иницијативата: ДПТУ УПМ-ГРУП ДООЕЛ Куманово, ТДВНППУ ХРОМАК Емил ДООЕЛ увоз – извоз Куманово, Бранислав Иваноски, Мирослав Иваноски и други, сите од Куманово, застапувани од полномошниците, адвокатот Виктор Божиновски и адвокатот Борче Ивановски од Куманово