ДКСК го усвои приговорот на Силјановска Давкова за кршење на изборни правила

Сомневањата за прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупција и судир на интереси и од Изборниот законик, се основани, приговорот поднесен од претседателскиот кандидат Гордана Силјановска Давкова се усвојува. Вака едногласно, со пет гласа, одлучи денеска Државната комисија за спречување на корупцијата, постапувајќи по доставен приговор од кандидатката за претседател на државата на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска – Давкова. Приговорот се однесуваше за кршење на изборните правила. Комисијата, согласно надлежностите, ќе преземе мерки и ќе иницира постапка за утврдување одговорност пред надлежните органи. Против одлуката, е дозволена тужба до Управниот суд. Според приговорот на Силјановска – Давкова, доставен на 6 април до ДКСК, Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО) спротивно на Изборниот законик, заснова работен однос со кандидатите кои ја посетуваат обуката за судии и јавни обвинители. Во образложението на приговорот, пишува дека Академијата за судии и јавни обвинители во јануари 2023 година објавила оглас за прием на 130 слушатели за идни судии и јавни обвинители, а по претходно извршените тестови за странски јазик, психолошкиот тест и тестот за интегритет, на 29 март 2024 година, АСЈО го објавила распоредот за полагање на квалификацискиот тест. – Овој тест тековно го полагаат 299 луѓе, што јасно укажува дека постапката за засновање работен однос е започната и истата не е ставена во мирување, со што АСЈО ин флагранти ги прекршува Законот за спречување корупција и судир на интереси и Изборниот законик, пишува во приговорот на Силјановска – Давкова.  Ова беше втора седница на Антикорупциската комисија.

Треба да знаете
Последни објави