Метео анализа на Славчо Попоски:
Веќе повеќе од една седмица најавуваме нагла и екстремна промена на времето која долги години не се случила кај нас, односно на Балканскиот Полуостров, вклучувајќи ја и Македонија. Се работи за силен и многу ладен Атмосферски фронт кој преку Атлантикот, потоа од северозападна Европа, па се до централните предели на континентот ќе го зафати и нашиот дел и ќе услови пад на температурите дури за 15 до речиси 30 степени во споредба на оние кои ги имаме сега.
Промената на времето ја очекуваме од ноќта вторник кон среда, а особено од среда. Ќе имаме врнежи од дожд, локално обилни и проследени со појава на грмежи. Поради тоа што ладниот Атмосферски фронт ќе пристигне на топла и загреана Атмосфера, ќе дојде до создавање на грмотевични облаци на повеќе места на Балканот, како и во Македонија, па така локално ќе има и појава на силно невреме, проследено со олуен ветер, силни грмежи, обилен пороен дожд, како и локална појава на силен град. Во ваква состојба препорачуваме крајна претпазливост.

Поради падот на температурите, на планините и на повисоките места во регионот, како и во Македонија со овој продор на ладен воздух од средината на месецов, па и во втората половина на месецов очекуваме врнежи од снег и формирање на снежна покривка. Позначителна снежна покривка ќе се формира на повисоките планини (дури од 30 до 50 cм). Кај нас во Македонија од 10 до 15 cм, локално може и повеќе.
Секако на повеќе места ќе наврне и значително количество на воден талог (над 30 литри дожд), во регионот и многу повеќе, па така не се исклучува можноста за локални поројни поплавувања. Секако ова лошо за здравјето ќе се одрази особено врз метеопатите. Оваа нагла и екстремна промена на времето ќе ја почувствуваат и останатите граѓани.

Втората половина од овој месец зимско време ќе има речиси во цела Европа, како и во поголем дел од Балканскиот Полуостров. Појавата на мраз низ континентот, како и на Балканот, а локално и во Македонија ќе биде честа појава во втората половина од месецов.
Мора да напоменеме дела во Алпскиот регион со овој бран се очекува и нов снег со висина и до околу еден метар. Појава на снег се очекува понекаде и во градовите низ континентот, како и во регионот.