„Приходите на Царината во 2023 година растат по секој основ, бројот на случаи на заплени е зголемен за 30 проценти, на кривичните пријави за 60 проценти, а инвеститорите во нас препознаа доверлив партнер и јавно не издвоија како институција од чија работа се најмногу задоволни. Резултатите се доказ за нашата посветеност која ќе продолжи и натаму со уште поголем елан бидејќи само така ќе одиме напред и ќе овозможиме забрзан економски раст и подобра иднина за нашите граѓани. Целта ни е повисоки приходи во Буџетот, односно повеќе пари за училишта, здравство и патишта, зајакнување на конкурентноста на македонското стопанство преку олеснување и забрзување на трговијата и сузбивање на корупцијата и криминалот”.
Ова го истакна директорот на Царинска управа, Стефан Богоев, на денешниот настан по повод одбележување на 32 години од основањето на Царинската управа, на кој свое обраќање имаше и министерот за финансии Фатмир Бесими.
Богоев потенцира дека подобрените резултати се соодветно вреднувани со потпишување на колективен договор со кој се подобрени условите за работа, а платите се зголемени за 43 проценти, до јуни царинските службеници ќе добијат и нови униформи со коишто достојно треба да ја претставуваат Царината, а обезбедени се и нови простории.
Богоев рече дека во претстојниот период следува реализација на нови развојни проекти од што бенефит ќе имаат сите македонски компании, а управата посветено работи на реформи и имплементација на напредни ИТ системи со цел забрзана интеграција со единствениот пазар на ЕУ и влез во Унијата.
– Царинската управа е чувар на финансиските интереси на државата, игра значајна улога во остварување на економските приоритети кои обезбедуваат одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на животот на граѓаните. Оттука, градењето современа царинска служба и понатамошно забрзување, олеснување и дигитализација на царинските постапки значи брза и сигурна размена на стоки, услуги и капитал и олеснување на условите за водење бизнис. Во таа насока клучно е да останеме на цврстата посветеност на спроведување на реформите и на тој начин да бидеме подготвени и на предизвиците наметнати од брзата глобализација на трговијата”, истакна министерот за финансии Фатмир Бесими честитајќи го 32-годишното постоење на Царинската управа.
По повод одбележување на Денот на Царината – 14 април, беа доделени и плакети за ТАВ аеродроми и за Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Богоев воедно во име на Управата додели и признанија за успешна работа на царинските службеници.