Во Леверкузен сакаат Чаби Алонсо да добие своја улица

Германскиот Шпигел објави дека постои шанса во блиска иднина, шпанскиот фудбалски стратег Чаби Алонсо, актуелен тренер на Баер Леверкузен, да добие своја улица во Леверкузен. Минатиот викенд Баер на домашен терен го победи Вердер со 5-0, со што и математички ја обезбеди титулата шампион во Бундеслигата, на пет кола до крајот. Клубот од Леверкузен на тој начин ја освои премиерната титула национален шампион во својата историја, откако пет пати во сезоната заврши на второто место.

Тренерот Чаби Алонсо, кој во Баер е од 2022 година, е главната причина, би рекле многумина, за големиот подем на Баер, кој е и во финалето на тамошниот ДФБ Покал, како и во четвртфиналето на Лига Европа. Иако се споменуваат бројни понуди од најсилните европски клубови, 42-годишниот Чаби Алонсо има намера да остане во Баер. Членовите на градскиот совет, ден по освојувањето на титулата шампион во Бундеслигата, најавија дека сакаат да им доделат почесно државјанство на играчите, членовите на стручниот штаб, раководството и персоналот на клубот.

Навивачите на Баер од своја страна отидоа чекор подалеку бидејќи сами ја преименуваа една од улиците што водат до стадионот БајАрена во Чаби Алонсо Алее. Таа желба на навивачите наскоро би можела да стане реалност, пишува Шпигел, бидејќи градот Леверкузен ги испитува административните услови потребни за официјално именување на една од улиците по шпанскиот тренер Чаби Алонсо.

Треба да знаете
Последни објави