Штрајкот на приватните специјализанти продолжи и денес и како што најавуваат ќе трае додека не добијат на писмено од Владата дека нивните барања ќе бидат прифатени. Специјализантите се залаат за покачување на платите од 26.000 на 44.000 денари и решавање на нивниот статус, односно да имаат здравствено и пензиско осигурување. „Се уште не се исполнети нашите барања, ветувањето на Илир Демири беше дека тој има разбирање за нашите проблеми, но еден месец не беа предложени на седница на Влада“, изјави д-р Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина трета година. Таа рече дека лично нема партиска книшка, туку единствената што ја има е крводарителската, надоврзувајќи се на изјавата на министерот за здравство, Илир Демири кој истакна дека штрајкот имал политичка позадина – изјава што специјализантите ја оценуваат како обид за дискредитирање. Демири се произнесе дека ги поддржува барањата и најави дека по изборите ќе се заложи да има ребаланс на буџетот и примањата на приватните специјализанти да се изедначат со примањата на тие кои се вработени во јавните здравствени установи.