Синдикатот во Македонска пошта на идната влада ќе ја достави новата систематизација која сам ќе ја изготви и ќе бара нејзина итна примена, како стартно решение за состојбата на Поштата, од причина што таа е на работ на егзистенција, а се доведени во прашање над 2000 работни места. Според синдикалниот лидер Боро Велигденов по изборите ќе се бара да се потпише и новиот колективен договор што го подготвиле, но за кој, работата на комисијата била прекината пред година и половина. Исто така се бара и итно подобрување на условите за работа и обезбедување средства бидејќи според Синдикатот во ваква состојба има огромни тешкотии во работењето.
Велигденов на прес-конференција пред Владата истакна дека веќе се консултираат со членството за организирање нов протест и почнување постапка за штрајк, откако по минатомесечниот протест не добиле одговор на барањата за состанок со Управниот одбор и со Владата.
-Како Синдикат почнуваме со подготвување на систематизација со вклучување на експерти која на новата Влада ќе ја приложиме за да се почне веднаш со реформи, реорганизација и стабилизација на друштвото. Состојбите се крајно сериозни, финансиската состојба е алармантна, како вработени сме загрижени за редовната исплата на платата. Вчера земавме плата, но имаме неисплатена плата на над 200 договорни поштари, рече Велигденов.
Тој истакна дека е многу важно да не се продолжи со лошата кадрова политика, со партизацијата што со години и години наназад се провлекува и ја доведе Македонска пошта до работ на опстојување. Клучен проблем е токму систематизацијата.
– Со постоечката систематизација, а веруваме дека таква организација во работењето нема во ниту една институција, имаме 15 подружници, 15 директори, седум члена на Управен одбор, шефовски места, раководни позиции, советници, стручни соработници, а се помалку работници во технолошкиот процес, укажа Велигденов.
Целта, посочи, е да се изготви нова систематизација согласно потребите на друштвото и на пазарот и да се стави огромен акцент на технолошкиот процес и на обработка на пратките.
– Сакаме да ја вратиме Македонска пошта на граѓаните со редовна и навремена достава на пратки. Има работници кои не доаѓаат на работа, има работници кои доаѓаат, а не знаат кои им се работните места, затоа е таа нова систематизација – да ја поттикнеме продуктивноста во работењето, а со самото тоа ќе ги зголемиме приходите и ќе можеме самостојно да функционираме како друштво, посочи Велигденов.
Велигденов рече дека во активностите што ги најавува нема да учествува другиот репрезентативен синдикат во националната Пошта бидејќи раководството на тој сидникат по протестот донело таква одлука.
Потсети дека за новата систематизација која е темел на реформите УО донел заклучок за итно почнување уште пред година и половина и е формирана комисија, но уште не почнала со работа. Систематизацијата е дел и од Спогодбата потпишана пред 2,5 години за време на генералниот штрајк.
Поради распишаните избори во тек се консултации со членството за да се одлучи како ќе се настапи за плановите за организирање протест и штрајк.
-Најавуваме натамошни активности во насока на организација на протест, како и отпочнување на постапка на штрајк. Во моментот се прават анкети, се информираат вработените за поголемо учество во натамошните активности, меѓутоа во насока на заштита на работничките права и како синдикат ќе ги преземеме сите активности и мерки за заштита на нашите работнички права, како што се протести. Бидејќи сега се избори, во наредниот период ќе одлучиме како ќе настапиме, информира претседателот на Синдикатот на Македонска пошта.