Центарот за управување со кризи (ЦУК) утрово информира дека се уште се активни 8 пожари во земјата. Доцна синоќа избувнал пожар на отворен простор кај село Горно Јаболчиште во Општина Чашка каде што гори букова шума. Се уште е активен пожарот над селото Селце, соопшти ЦУК. На терен вчера гаснеа два хеликоптери од МВР и ренџерите од Национален парк Шар Планина со 10 луѓе, а и четири пожарникари од ТППЕ-Тетово. Други активни пожари има во село Гургурница (Општина Брвеница), помеѓу селото Сретково и селото Церово, кај одморалиштето „Бунец“ (Општина Маврово – Ростуше), а и кај село Горјане (Општина Врапчиште). Гори и кај месноста Темна Бука, кон Китка и кај Кадина Река во Општина Студеничани, каде што гори високостеблена борова шума. Пријава за пожар има и во село Црвена Вода (Општина Студеничани). Активен е пожарот над село Острец, на Баба Планина. Гори сува трева, лисја и гранки и нема опасност по населени места и Националниот парк Пелистер. Центарот за управување со кризи соопшти дека во последното деноноќие биле изгаснати 14 од вкупно 22 пожари на отворен простор. Оттаму апелираат да не се пали вегетација на отворено, за редовно чистење на локалните одводни канали, а и да не се фрлаат отпадоци во нив.