Првотимецот на фудбалскиот прволигаш Работнички Влатко Стојановски по повреда на ахиловата тетива во неделното дерби со Вардар е опериран, соопшти клубот од Градскиот Парк. Во соопштението се наведува дека Стојановски успешно бил опериран и наскоро ќе почне со рехабилитација, но го чека повеќемесечна пауза. „Напаѓачот на Работнички, Влатко Стојановски, денеска е опериран по повредата на Ахиловата тетива на натпреварот против Вардар. Хируршкиот зафат успешно го изведе д-р Несторовски во Градската општа болница „8 Септември“. Влатче, ти посакуваме брзо опоравување и те чекаме да ни се вратиш на терен… “, објави ФК Работнички. Поранешниот македонски репрезентативец Стојановски оваа сезона настапи на 18 меча за „романтичарите“ и постигна два гола.