Меѓународната конференција на екстремно десничарски политичари и поддржувачи продолжи денеска во Брисел, откако организаторите поднесоа тужба против локалните власти кои го запреа настанот бидејќи може да претставува закана за јавниот ред.
На „Националната конзервативна конференција“ – средба на екстремните националисти и фундаменталистички христијани, се очекува денеска да зборува унгарскиот премиер Виктор Орбан, еден ден откако таму зборуваше Најџел Фараж – човекот за кој се верува дека има најголема заслуга за излегувањето на Велика Британија од ЕУ.
Францускиот екстремен десничар Ерик Земур се очекуваше вчера да ги критикува новите правила на ЕУ за мигрантите и азилот, но полицијата не му дозволи да учествува на настанот.
Градоначалникот на местото каде се одржуваше средбата, по неколку часа и наредил на полицијата да не дозволува повеќе луѓе да влегуваат во салата, но настанот продолжил за оние што биле внатре. Тој рече дека овие мерки ги презедел откако антифашистичка група се закани дека ќе го прекине состанокот.
Сепак, судија во Брисел го суспендираше спроведувањето на наредбата на градоначалникот откако организаторите поднесоа тужба против локалната власт. Белгиските и британските лидери претходно изразија загриженост поради забраната.
„Автономијата на општинските власти е камен-темелник на нашата демократија, но таа никогаш не може да го надмине белгискиот устав, кој ја гарантира слободата на говор и мирно собирање од 1830 година. Забраната на политички состаноци е неуставна. Точка“, напиша во објава на Икс белгискиот премиер Александар де Кро, кој е либерал и противник на екстремната десница.
Портпаролката на британскиот премиер Риши Сунак ја нарече забраната „екстремно вознемирувачка“.