Министерството за внатрешни работи на Србија тврди дека се неосновани наводите за задржување на автобуси со косовски регистарски таблички на граничните премини, јави дописникот на МИА од Белград. Од тамошното МВР додаваат и дека полицијата никого не привела, ниту спречила некој граѓанин да влезе и да помине низ Србија. -Во тек е засилена контрола на сите патници на граничните премини и се вршат безбедносни проверки, се со цел поголема безбедност и сигурност на граѓаните, што може да предизвика подолго задржување на самиот граничен премин, се наведува во соопштението на МВР. Министерството за внатрешни работи соопшти и дека „на сите граѓани од територијата на автономната покраина Косово и Метохија им е дозволен непречен влез“ во Србија, наведувајќи дека „инсинуациите дека нивниот влез е забранет поради поседување документи издадени од привремените институции на самоуправата во Приштина“ не се точни. Како што претходно објавија медиумите во Косово, автобуси со косовски регистрации од синоќа се задржани на српските гранични премини со Хрватска и Унгарија.