Под мотото, „5 до 12 за македонското здравство“ в понеделник приватните специјализанти ќе излезат пред ресорното министерство. Собирот е за да ги види и слушне министерот за здравство Илир Демири за да се заземе за решавање на нивните проблеми околу поголеми плати и здравствено осигурување. -В понеделник повторно ќе се собереме на протест. Сакаме да упатиме јасна порака до Министерството за здравство и до целата држава. Доколку овие 400 приватни специјализанти не ги добијат своите барања, половина од нив, веќе, во некој ќош дома им стои куферот и чекаат само да го спакуваат и да заминат, изјави д-р Христина Илиоска Чешлароска, специјализант по интерна медицина. Приватните специјализанти од понеделникот стапија во генерален штрајк. Не работат во амбулантите и не влегуваат во операционите сали. Најавија дека ќе штрајкуваат се додека не добијат пристојни месечни примања, наместо сегашните минимални 26.000 денари. Ставот на Министерството е да им се излезе во пресрет, но решение ќе има после изборите. На последната владина седница донесена е одлука согласно закон, веднаш по изборите, да се подготват предлог законски решенија со коишто ќе се предвидат нивните севкупни права и одговорности. Во однос на двете барања на приватните специјализанти, Министерството за здравство известува дека дел од приватните специјализанти веќе имаат здравствено осигурување и се во работен однос, додека пак 10% од приватните специјализанти немаат здравствено осигурување од причини што или не се јавиле во подрачните служби или не го исполнуваат условот од аспект на остварените приходи, бидејќи добиваат паричен надоместок.
