На пет кола пред крајот на сезоната во италијанската фудбалска Серија А, Интер го прослави скудетото. вторпат во последните три сезони, или вкупно 20. во историјата на клубот од Милано. Верификацијата на титулата за „нераѕурите“ беше направена против најлутиот ривал, соседот Милан (1:2) на „Сан Сиро“ каде Интер официјално беше гостин. За Интер вечерашниот триумф против Милан е шести последователен во меѓусебните дуели по што направи недостижни 17 бода пред лутиот ривал во пресрет на последните пет кола. Интер со новата титула има и една повеќе од Милан, бидејќи „росонерите“ останаа на 19, последната освоена во 2022 година. Головите за победа на гостинот од „Џузепе Меаца“ на овој меч ги постигнаа Ачерби во 18. и Турам во 49. минута. Томори на десетина минути пред крајот ја врати неизвесноста откако постигна почесен гол (1:2), но Милан немаше сили да се избори барем за бод и да го одложи славјето на лутиот ривал. Во финишот од натпреварот дојде до голема нервоза на теренот, играчите на двете екипи два пати влегоа во пресметки поради што црвен картон добија Тео Ернандез и Калабрија кај Милан и Думфрис кај Интер.