Претставници на Коалицијата „Вреди“ во Тетово пред зградата на СВР Тетово одржаа прес-конференција на која посочија дека во полициската станица се сослушуваат членови на младинскиот форум на Движењето Беса, на коалицијата „Вреди“, како и претставници на локалните институции во Тетово. Според Алби Ќамили од Младинскиот совет на Движење Беса, нема конкретна причина за нивно носење во полиција.
– Она што го знаеме е дека во станица прво биле повикани незаконски, телефонски, итно да пријават во полиција, а многу подоцна им испратиле и писмена покана, како што треба да пристапи полицијата. Она што можеме да го кажеме е дека овие диктаторски дејствија ги врши првиот човек на СВР Тетово, Шефик Бајрами, кој на оваа функција е незаконски поставен иако има криминално досие и е осомничен за учество во потешки кривични дела. Но, со антизаконско инсистирање на ДУИ, ја извршува функцијата прв човек на СВР Тетово. Сигурни сме дека овие постапки на Шефик Бајрам се акции нарачани од Али Ахмети и Артан Груби. Откако сфатија дека на 6 ИЕ (Изборна Единица) поразот од 3 спрема 1 за нив е неизбежен. Али Ахмети и Артан Груби како и секогаш во пресрет на изборите ги спроведуваат своите комунистички и диктаторски акции.
Според него, меѓународните организации и амбасади треба да се фокусираат на Тетово.
Тој на крај апелираше сите млади Албанци, да не се плашат и на 24 април и 8 мај да ја поддржат коалицијата „Вреди“.