Кога ќе слушнам заканувачки тонови, тоа веднаш ме потсетува на она што се случи пред дваесет и нешто години по планините околу нас, рече претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Свети Николе на митингот на Коалицијата за европска иднина.
-Гледам дека веќе растат тензиите за изборите. И има причина за тоа. Овие избори се клучни за нашата иднина. Овие избори се глас ЗА или ПРОТИВ нашата европска иднина!Овие избори не се за бисквити и гурабии. Мене тоа воопшто не ми е смешно! Затоа што кога ќе слушнам заканувачки тонови, тоа веднаш ме потсетува на она што се случи пред дваесет и нешто години по планините околу нас. Сакам да ѝ порачам на албанската заедница: ова е и ваша земја, никој не може да ви ги земе правата. Тие се запишани во Уставот. Но вие имате и одговорност. И ако се надевате дека некое незадоволство ќе се претвори во насилство, се лажете. Прво граѓаните нема да го дозволат тоа, никој здраворазумен нема да го дозволи тоа. Но, сакам да му порачам и на Мицкоски. Внимателно по патот кој сте го фатиле, затоа што и тој има последици. Секоја блокада на европскиот пат не е само стагнација, тоа е и враќање назад. Назад во 2001 година или којзнае каде. Нашето национално единство е сѐ уште кревко. Не може да си дозволиме кој било да си игра со него, порача претседателот на СДСМ, Димитар Ковачевски вечерва во Свети Николе.