Утрово во Италија, во провинцијата Салерно, два питбула нападнале тринаесетмесечно момче Франческо Пио Д’Амара и го убиле. Кучињата го нападнале во дворот на селската куќа. Мајка му и вујко му се обиделе да го спасат, но кучињата и нив ги повредиле. Според првите информации на полицијата, која на местото на несреќата пристигнала со возило на брза помош, сопствениците на кучињата биле познаници на мајката. Кучињата биле пуштени на слобода во дворот од семејната куќа, а тие го нападнале детето бидејќи го гледале или како играчка или како закана.
Паола, мајката на детето, по несогласувањата со сопругот се преселила во Камполонго, каде изнајмила дел од селската куќа во која живеела сама со синот. Питбулите им припаѓале на сопствениците на куќата кои живееле во вториот дел од двокатната зграда, пишува Salerno Corriere.
Според зборовите на соседите, кучињата досега не покажувале знаци на агресија. Градоначалникот на Еболи, Марио Конте изјави дека администрацијата ќе ги покрие трошоците за погребот на детето. Во Италија не постои список на потенцијално опасни кучиња. Во 2006 година, Министерството за здравство донесе правилник во кој беше наведен список на раси кои се сметаат за опасни, но таа одредба подоцна беше укината.