Премиерот на Папуа Нова Гвинеја Џејмс Марапе изјави дека неговата земја не заслужува да биде поврзана со канибализам и ги повика САД да ги исчистат остатоците од Втората светска војна расфрлани низ Пацификот, по коментарите на претседателот Џо Бајден за неговиот исчезнат вујко.
Бајден „изгледа дека имплицира дека неговиот вујко бил изеден од канибали откако неговиот авион бил соборен над Папуа за време на Втората светска војна“, соопшти канцеларијата на Марапе во неделата.
– Изјавите на претседателот Бајден можеби беа лапсус, но мојата земја не заслужува таква етикета, додаде Марапе.
– Го повикувам претседателот Бајден да и предложи на Белата куќа чистење на овие остатоци од Втората светска војна за да се открие вистината за исчезнатите војници како Амброуз Финеган, нагласи тој.
САД потпишаа договор за одбранбена соработка со Папуа Нова Гвинеја минатата година, во услови на конкуренција за влијание во регионот со Кина, која има безбедносен пакт со соседните Соломонски Острови.
Бајден претходно ја спомна неговата лична поврзаност со воената историја на Папуа Нова Гвинеја, раскажувајќи ја приказната за неговиот вујко кој загинал во авионска несреќа во мај 1944 година.
По посетата на споменикот на исчезнатите војници во Пенсилванија, минатата недела изјави дека постои можност чичкото да е жртва на канибали.
Историчарите велат дека Папуа Нова Гвинеја била клучна за американскиот напад преку Пацификот за ослободување на Филипините во Втората светска војна.
Папуа Нова Гвинеја и Соломонските Острови сè уште се полни со остатоци од човечки коски од војната, остатоци од авиони и бродови, тунели и неексплодирани бомби кои сè уште убиваат луѓе.