Обединетите нации денеска повикаа на „јасна, транспарентна и веродостојна истрага“ за масовните гробници откриени во две големи болници во завојуваната Газа, кои беа цел на израелските војници.
Портпаролката на Канцеларијата на ОН за човекови права, Равина Шамдасани, побара покренување независна и транспарентна истрага за жртвите, велејќи дека „со оглед на климата на неказнивост што преовладува, треба да се вклучат меѓународни истражители“.
Веродостојните истражители мора да имаат пристап до локациите, им рече на новинарите портпаролот на ОН Стефан Дизарик, додавајќи дека повеќе новинари мора да можат безбедно да работат во Газа за да ги соопштат фактите.
Високиот комесар на ОН за човекови права Фолкер Турк вчера изјави дека е „згрозен“ од уништувањето на болниците Насер во јужниот град Кан Јунис и Ал Шифа во Газа и извештаите за откриени масовни гробници.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент Ведант Пател ги опиша извештаите за масовни гробници во болниците во Газа како „неверојатно вознемирувачки“ и истакна дека американските власти побарале информации од израелската влада.
На прашањето на новинарот дали верува дека израелската влада е „веродостоен извор“ на информации за масовните гробници, Пател одговори потврдно.
Агенцијата за цивилна одбрана на Газа соопшти дека повеќе од 300 тела биле пронајдени закопани во дворот на болницата Насер во Кан Јунис, откако израелските сили се повлекле од објектот минатата недела.
„Очигледно, сцените со масовни гробници генерално се длабоко вознемирувачки, но немам што да ја потврдам нивната вистинитост“, изјави за новинарите портпаролот на Советот за национална безбедност на САД, Џон Кирби.