По балканската премиера на оркестарската верзија на проектот МАКЕДОНИСИМО на Симон Трпчески и пријателите што на сцената на македонските филхармоничари неодамна ја изведоа со Камерниот оркестар АЈГА и диригентката Ана Спасовска, исклучителното дело изнедрено од македонската традиционална музика низ перото на нашиот композитор Панде Шахов, синоќа (25 април) ја продолжи својата благородна мисија на сцената на салата „Бугарија“ во бугарската престолнина, со еден од водечките оркестри во регионов, софиската филхармонија.
Како што соопштува „КултурОп“, квинтетот МАКЕДОНИСИМО настапи во оригиналниот состав: Симон Трпчески на пијано, Хидан Мамудов на кларинет, саксофон и кавал, Александар Краповски на виолина, Александар Сомов на виолончело и Влатко Нушев на удиралки, заедно со Софиската филхармонија, под палката на исклучителната млада диригентка Ана Спасовска, која го имаше своето деби со познатиот бугарски оркестар. Долготрајните аплаузи од софиската публика беа наградени со три изведби на бис, а посебно одушевување предизвика гостувањето на познатата бугарска певица Александра Борисова која им се приклучи на музичарите на сцена.
Меѓу присутните беа и бугарскиот министер за култура, прославениот диригент Најден Тодоров, како и македонската амбасадорка во Бугарија, Агнеса Руси Поповска.
И додека следната квинтет-изведба на МАКЕДОНИСИМО е закажана за 9 јуни во Глазгов, Шкотска (како дел од резиденцијалниот циклус концерти на нашиот пијанист од светски глас со Кралскиот шкотски национален оркестар), Симон Трпчески до крајот на овој дел од сезоната го очекуваат и редовните концертни гостувања во САД, Велика Британија и Германија.