Европската Комисија одлучи да одвои дополнителни 68 милиони евра за поддршка на Палестинците во регионот на Блискиот Исток, кои ќе бидат дистрибуирани преку меѓународните партнери на ЕУ, како што е Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Црвената полумесечина, соопшти портпаролот на ЕК, Ерик Мамер.
„Комисијата одвои 125 милиони евра хуманитарна помош за Палестинците за 2024 година, од кои првите 16 милиони ќе бидат проследени денеска или најдоцна на почетокот на следната недела“, изјави Мамер.
Дополнителната помош ќе претставува додаток на предвидената поддршка од 82 милиони евра за 2024 година преку Агенција на ОН за помош на палестинските бегалци на Блискиот Исток (УНРВА), на која следната недела ќе и бидат исплатени 50 милиони евра.
Комисијата посочува дека одлуката за исплата на средства за УНРВА следи откако Агенцијата презела активности и обврски за расветлување на сериозните наводи за вмешаност на неколкумина нејзини вработени во нападите на Хамас врз Израел на 7 октомври минатата година. Хамас е прогласена за терористичка организација од САД и ЕУ.
„Комисијата ги поздравува истрагата на Канцеларијата за внатрешни надзорни служби на ОН за расветлување на сериозните наводи против персоналот на УНРВА и создавањето на независна истражна група, предводена од Кетрин Колона, за да процени дали Агенцијата прави се што е во нејзина моќ за да обезбеди неутралност“, посочува Еврокомисијата, додавајќи дека добила уверување од УНРВА дека е „подготвена да обезбеди проверка на нејзиниот персонал за да се потврди дека тие не учествувале во нападите и дека се воспоставуваат дополнителни контроли за да се ублажат таквите ризици во иднина“.
Европската Комисија нагласува и дека УНРВА се согласила на ревизија што ќе ја спроведат надворешни експерти назначени од ЕУ.
Со сегашната одлука се предвидува исплата на првата транша за УНРВА од 50 милиони евра од вкупната сума од 82 милиони евра за 2024 година, додека останатите две транши во износ од по 16 милиони евра ќе бидат исплатени дополнително согласно темпото на спроведувањето на договорените обврски.
Комисијата посочува и дека согласно договореното со УНРВА предвидена е можност за суспензија или враќање на исплатените средства, доколку „се појават веродостојни информации кои укажуваат на значителни недостатоци во функционирањето на системот за внатрешна контрола“ на Агенцијата.
Во врска со денешната одлука за дополнителната помош за Палестинците, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен изјави дека таа е доказ за поддршката на ЕУ за палестинскиот народ во Газа и низ целиот регион на Блискиот Исток.