Драмски театар од Скопје, денес на 27 април, денот на роденденот на драмскиот автор Горан Стефановски, ја востанови наградата „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од млад автор до 30-годишна возраст. Од ДТС информираат дека текстот ќе се избира преку јавен конкурс, за што дополнително ќе ја информираат јавноста кога ќе биде објавен. -Преку овој чин се оддава почит и се чува споменот за Горан Стефановски и неговата улога во развојот на македонската драматургија и театар, и воедно се проширува заложбата на Драмски за афирмација на македонските млади автори и македонското драмско писмо. Стефановски како млад драмски автор со драмските дела ‘Јане Задрогаз’ и ‘Диво месо’ во соработка со Драмски постигна успеси за паметење”, велат од Драмски. ДТС ќе учествува и во Фондацијата „Горан Стефановски“ основана со одлука на УКИМ под иницијатива на Факултетот за драмски уметности (ФДУ). Горан Стефановски почина пред пет години на 66-годишна возраст.
![](https://arhiva.24info.mk/wp-content/uploads/2024/04/Screenshot-2024-04-27-120957.png)