Француската влада изминатиот викенд сигнализираше дека сака да купи дел од компанијата за сајбер безбедност Атос, класифицирајќи ја како „стратешки важен“ бизнис.
„Овој викенд му испратив на Атос писмо со намери да ги купиме сите активности поврзани со владата“, рече министерот за финансии Бруно Ле Мер во неделата во интервју за новинскиот канал LCI.
Сакаме и други компании да се приклучат на потенцијалната понуда на владата за тој дел од бизнисот на Атос, додаде министерот без да наведе детали.
Конзорциумот предводен од државниот холдинг АПЕ ќе вклучи и други „француски државни актери“, рече Ле Мер, одбивајќи да ги именува.
Aтос обезбедува комуникации за француската војска и разузнавачките служби и произведува сервери за суперкомпјутери, а делот од бизнисот што владата сака да го купи вработува околу 4.000 работници и генерира приход од околу 900 милиони евра, изјави претставник на Министерството за финансии за новинскиот канал LCI.
Француските медиуми шпекулираат дека во купувањето би можеле да учествуваат и производителите на оружје Талес и Дасо Авијација.
Талес и Атос одбија да коментираат, а Дасо Авијација не беше веднаш достапна за коментар.
Целта е да се состави понуда до јуни, рече претставник на Министерството за финансии, кој не сакаше да ја наведе проценетата вредност на бизнисот на Атос, според писмото за намери.
Формирањето конзорциум не е услов, но тоа е цел, додаде тој. Во моментов не е јасно колкав дел од акциите на Атос ќе купи државата.
Атос моментално врши докапитализација и собра 1,2 милијарди евра со издавање на нови акции и нови заеми, што значително ќе ја намали вредноста на сегашните сопственички акции.