Државната изборна комисија (ДИК) информира дека до овој момент пристигнати се 17 приговори кои се однесуваат на постапката за сумирање на резултатите од парламентарните избори, соопшти портпаролката Радица Тодоровска-Алексовска. – Приговори за постапка за гласање нема. Приговори за постапката за сумирање на резултатите за парламентарните избори има поднесено од Коалицијата ВЛЕН – 9 и од Коалицијата „Твоја Македонија“ – 8, изјави портпаролката на ДИК. Роковите за доставување приговори до ДИК за остварување на избирачко право завршија во 19:00 часот, додека роковите за поднесување приговори за претседателски е до 22:30 часот и до 23:30 часот за парламентарните избори. ДИК за утре закажа јавна седница за објавување на конечност на резултатите за Претседателски избори. Доколку по завршувањето на рокот вечерва во 22:30 часот нема приговори ДИК утре ќе го достави извештајот со конечните резултати од претседателските избори до Собранието, а потоа се очекува претседателот на Парламентот, Јован Митрески да ја закаже седницата во недела напладне за инаугурација на новата претседателка Гордана Силјановска Давкова.
![](https://arhiva.24info.mk/wp-content/uploads/2024/05/download-6.jpg)