Австрискиот тенисер Доминик Тим денеска потврди дека на крајот од сезоната ќе стави крај на својата играчка кариера.
Тим денеска на својот Инстаграм профил објави дека се пензионира на крајот на сезоната.
-Можам да потврдам дека оваа сезона ќе ми биде последна во кариерата. Постојат неколку причини за ова. Како прво, мојот зглоб не е каков што треба да биде и како што сакав да биде. Друга причина е моето внатрешно чувство. Размислував за тоа долго време, за целото патување во тенисот што го имав што беше неверојатно. Имав успех и освоив турнири за кои не ни сонував. Патувањето беше неверојатно – напиша Тим. – Сепак, дојдов до заклучок дека одлуката да ја завршам кариерата на крајот од сезоната е правилна. Среќен сум со одлуката што ја донесов и возбуден сум за она што следува.
Тим (30) во кариерата има освоено 17 АТП титули. Тој го освои УС Опен во 2020 година, двапати беше поразен во финалето на Ролан Гарос (2018 и 2019 година) и еднаш во финалето на Австралија Опен (2020 година).
Најдобриот пласман во кариерата го имаше во март 2020 година, кога беше трет тенисер во светот, додека моментално е 117. на АТП листата.